Македонија
23. September 2018 - 16:28

Откриени нови 120 илегални мигранти на јужната граница

За помалку од 24 часа во два одделни случаи полицијата откри 120 мигранти кои илегално влегле на македонска територија. Првиот случај со група од 37 лица  бил откриен вчера попладне  во близина на браната Паљурци. Мигрантите  кои се движеле од браната  кон селото Фурка ги забележала  полициска патрола од станицата за граничен надзор Богородица.  Откако ги откриле полициските службеници дале усна наредба да застанат, но непознатото лице кое било на чело од групата наместо да ја испочитува наредбата и да  застане тоа  побегнало, додека групата од 37 лица е сопрена. Сите се приведени во полициската станица Богородица за понатамошна постапка.

Вториот случај со  83 мигранти од кои 11 малолетни лица е откриен утрово околу осум часот. Мигрантите се откриени во близина на селото Смоквица во товарно моторно возило влекач со гевгелиски регистарски ознаки  сопственост на фирма кое го управувал  од жител на Гегелија.  Мигрантите се пронајдени во товарниот простор од возилото .   76 лица од кои десет деца се државјани на Пакистан, двајца од Авганистан, четворица од Ирак и еден од Индија. Возачот е обезбеден за понатамошна постапка, а лицата во моментов се ноаѓаат во прифатниот центар во Гевгелија . 

Освен на југот од државата нелегални преминувања во изминатите неколку дена полицијата има откриено и во близина на границата со Србија. На овој дел за пет дена пронајдени  се 121мигрант. Лицата се откриени  во тринаесет одделни случаи   во обид за илегален влез во Република Македонија од правец на Србија. Сите  се откриени на самата гранична линија на потегот од Миратовачки пат кај селото Лојане до автопатот. Најголемиот број - 112 биле државјани на Иран, шест на Авганистан и три лица од Индија.

Последните неколку обиди за илегален премин на државните граници и криучмарење мигранти се само дел од низата случаи кои во последниот период полицијата ги открива. Официјалните бројки велат  дека од почетокот на годината па заклучно со јули само на јужната граница биле спречени над  6600  обиди на илегално преминување на границата што е значително зголемување во споредба со лани кога во текот на цела година  имало нешто повеќе од 4100 такви обиди. За истиот временски период  откриени се и триесетина нови случаи за криумчарење мигранти, а скоро идентична е и бројката на лица против кои се преземени мерки на кривичен прогон.