Македонија
10. September 2018 - 16:27

Откриени 30-сетина случаи на криумчарење мигранти само за првите 7 месеци од годинава

За седум месеци откриени се триесетина нови случаи за криумчарење мигранти, а скоро идентична е и бројката на лица против кои се преземени мерки на кривичен прогон.

Полициската статистика покажува дека од почетокот на оваа година па заклучно со јули биле откриени 29 случаи во обид да се прокриумчарат нешто повеќе од 430 мигранти или скоро двојно повеќе во однос на цела мината година која завршила со 212 лица кои биле предмет на криумчарење. Против 30 лица, најчесто македонски државјани кои се обидуваат на нелегален начин да овозможат транзит на мигрантите низ територијата на нашата држава  се преземени мерки на кривичен прогон. Тие се товарат дека сториле 23 кривични дела криумчарење мигранти. Претежно  се работи за лица кои доаѓаат од Пакистан, Авганистан,  Ирак и Бангладеш.

Почнувајќи од јануари па се до јули оваа година на македонско - грчката граница биле спречени и 6686 обиди на илегално преминување на границата што е значително зголемување ако се направи споредба со лани кога во текот на сите 12 месеци имало нешто повеќе од 4100 такви обиди.