Македонија
12. May 2017 - 13:12

Откриени 12 девојки кои работеле како пејачки и танчерки во угостителски објект во Боговиње

Дванаесет девојки од кои три странски и девет македонски државјанки биле затекнати синоќа при полициски претрес во угостителскиот објект „Баци“ во Боговиње, сопственост на Н.Ш (33).

Девојките биле на возраст 18 до 43 години и биле ангажирани како пејачки и танчерки.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски изјави дека претресот е реализиран од 23 часот до полноќ со судска наредба.

- Трите странски државјанки, две од Косово и една од Србија, по приведувањето и кусото задржување во Полициската станица Тетово поради сомнение за вклученост во трговија со луѓе и злоупотреба на туристичкиот престој биле предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија. Деветте женски лица од нашата држава, најмногу од Скопје, по разговорот со нив, биле пуштени, додека сопственикот на објектот Н.Ш. бил задржан поради сомнение дека извршил кривично дело „разбојништво“, изјави Јосифовски.

 

Тој додаде дека се работи на целосно расчистување на сите поединости околу престојот и ангажирањето на женските лица во овој угостителски објект.

Според податоците на полицијата, минатата година на подрачјето на СВР Тетово биле спроведени 22 акциски контроли во угостителски објекти. Во нив, вкупно се откриени 68 странски државјанки - 36 од Албанија, 16 од Србија, по 6 од Косово и Бугарија, 2 од Босна и Херцеговина и по една од Словенија и Црна Гора. Во контролите биле затекнати и 40 девојки од Македонија на различна возраст. И странските и девојките од Македонија биле ангажирани како пејачки и танчерки.

- Речиси сите странски државјанки го злоупотребиле туристичкиот престој односно непријавено престојувале спротивно на целта и подоцна биле предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, а потоа завршиле пред судија за прекршоци со изречени парични глоби и забрани за влез во Република Македонија од 3 до 5 години. Нивното приведување и задржување е извршено и поради сомнение за евентуална вклученост во проституција односно трговија со луѓе и други незаконски активности рече Јосифовски.