Македонија
16. February 2021 - 16:38

Откриена уште една дива гинеколошка ординација во Струга

Откриена уште една нелегална гинеколошка ординација во куќа во Струга. Откако два часа преговарале со сопствениците на објектот да ги пуштат, инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат заедно со полицијата во просторијата затекнале опремена ординација, која укажува дека во него се вршела гинеколошко акушерска дејност, а објектот воопшто не бил обележан.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе издаде решение за забрана за вршење на дејност на специјалистичката ординација по гинекологија и акушерство во Струга лоцирана на „Кеј 8-ми Ноември“ и ќе бара одземање на дозволата за работа.

- Просторијата во која се одвивала гинеколошко акушерската дејност е во сопственост на З.П.Ш. доктор специјалист по гинекиологија и акушерство, вработена во општата болница во Струга. При надзорот, приложен е Договор за отстапување на користење на простор каде стои дека просторијата се издава на времено користење на ПЗУ Д-р Благоја Парталоски. Наведената приватна здравствена установа ПЗУ Д-р Благоја Парталоски има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови (простор, опрема и кадар) за вршење на специјалистичко гинеколошко акушерска дејност а која во моментот нема носител на дејност бидејќи д-р Парталоски е во пензија од 2009 година, стои во соопштението на  Државниот здравствен инспекторат .

Докторката вели дека во ординацијата не се вршеле гинеколошки прегледи и дека по пензионирањето на доктор Парталоски просторијата служела како магацин.

Од државниот здравствен и санитарен инспекторат напоменуваат дека инспекциската постапка сеуште е во тек и по комплетирањето на целокупната докуменатција, ќе ги презвземе сите мерки согласно надлежностите на Инспекторатот.

Инаку ова е втор инспекциски надзор во Струга  за неполн месец. Инспекторите во домот на директорот на струшката болница, Мухамед Асани во јануари открија нелегална гинеколошка ординација.