Македонија
14. јуни 2017 - 17:38

Откриена првата Палеолитска станица во Македонија

Во близина на Светиниколското село Мустафино на археолошките локалитети „Узун мери“ и „Турски гробишта“ откриена е првата палеолитска станица во Македонија. Археолошките истражувања на локалитетите ги вршеа универзитетските професори Трајче Нацев и Дарко Стојановски и студентите од катедрата за археологија на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Универзитетскиот професор и археолог, Трајче Нацев на денешната прес–конференција рече дека при сондажните истражувања  пронајдени се  камени орудија кои датираат од средниот палеолит, време кога егзистирал неадерталецот, тип на човек кој се занимавал со лов и собирање на плодови.

- Локалитетот „Узун мери не е познат претходно. Тоа е нов и по повеќе параметри претставува уникатен за македонската археологија. Овој локалитет претставува Палеолитска станица од каде при сондажното археолошко истражување откриени се само камени орудија, кои врз основа на првите анализи локалитетот го сместуваат во средниот Палеолит, односно во периодот од 300 000 до 40 000 години п.н.е., односно во геолошкиот период плеистоцен, а од овој период тип на човек е неандреталецот, вели Нацев. 

Карактеристично за пронајдените орудија е тоа што се гледа целиот технолошки процес на нивната изработка. Заменик раководителот на археолошките истражувања, Дарко Стојановски вели дека уникатно е и тоа што најчесто палеонтолошките наоѓалишта се во пештери, а ова е од отворен тип и затоа се именува како Палеолитска  станица од отворен тип. Пронајден е археолошки материјал на поголема површина. 

- Вакви локалитети досега се откриени низ целиот Балкан и со ова практично ја вклучуваме и Македонија во таа мреша на средно палеолитска култура и се надевам дека ќе продолжиме со понатамошни истражувања, вели Стојановски. 

Еден дел од локалитетите потпаѓаат под земјиштето каде е предвидена изградба на карго-аеродромот. Затоа археолозите ќе бараат дозвола за двегодишни истражувања на овој терен, а останатиот дел ќе се истражува подолг временски период.