Македонија
31. October 2018 - 16:40

Откриена нова неолитска населба во струмичко стара 7.500 години

Откриена нова неолитска населба во струмичко, стара 7500 години. Населбата е од средниот неолит и е прва од тој период во југоисточниот дел на државата.  Откривањето на објектот кој се наоѓа на локалитетот Орниче кај селото Костурино за археолозите е многу значаен и дава нови сознанија за  почетокот на животот во овој дел од Македонија . Самиот објект кој најверојатно бил живеалиште,  но и  големиот број движни наоди како што се керамички проектили, покуќнина, керамика, и  разновидни орудија од вулканско стакло посочуваат  на тоа дека животот  тука започнал многу порано во однос на тоа што досега се мислело.

-Со ова можеме слободно да кажеме дека животот на населението во овој дел на регионот, значи на Македонија започнал многу порано од колку што мислевме , пред околу 5500 години пред нашата ера, односно со можност , ќе видиме какви се долните слоеви дека имаме дури по стари моменти, односно по стари објекти од таа населба па дури и од оној раниот неолит. Со малку среќа ако успееме да го фатиме и раниот неолит практично ќе го добиеме цело она движење на неолитската популација, односно населувањето на Балканот кое што се случува некаде кон крајот на седми милениум пред нашата ера, вели Зоран Рујак, археолог.

Истражувањата се дел од годишната програма на струмичкиот завод и музеј поддржани од министерството за култура. Предвидено  е да траат до крајот на ноември, период  во кој археолозите планираат целосно да се дефинира  новооткриениот објект, а со тоа  и да се заокружат сознанијата за почетоците на неолитот во југоисточниот дел на Македонија.