Македонија
22. May 2017 - 18:59

Откриена меѓународна криминална група за компјутерски криминал

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на повеќе локации на територијата на Република Македонија на 19 овој месец изврши координирани претреси при што се обезбедени доказни материјали и е запленета компјутерска опрема од лица за кои постои основано сомнение дека се дел од меѓународната криминална група. 

Како што соопшти МВР,  акцијата е во рамки на едногодишна операција „Пратка“ на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, по пријава од страна на Царинска управа на Република Македонија – Сектор за контрола поради сомнение за сторено кривично дело “оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.

Одземената компјутерска опрема е предадена на Одделението за дигитална форензика при МВР на РМ, со цел изготвување на дополнителна форензичка анализа и утврдување на сомненијата за учество на инволвираните лица во меѓународната криминална група.

Како дополнување во истрагата, во ноември минатата година, од страна на полициските служби од Единицата за компјутерски криминал во Министерството на внатрешни работи на Република Бугарија, е добиена информација дека постапуваат по случај каде што е регистрирана компјутерска злоупотреба на нивниот царински систем и дека располагаат со информации за постоење на меѓународна криминална група во која како членови учествуваат и македонски државјани, се наведува во соопштението на МВР.

По меѓусебна размена на оперативни информации и податоци кои се однесуваат на можна идентификација и утврдување на македонските државјани инволвирани во кривичните дела и обезбедување на детални информации за потеклото и начинот на кој функционира криминалната група, со посредство на Секторот за меѓународна полициска соработка (СЕЛЕК центар) биле организирани и работни состаноци на кои е формиран работен тим за заедничка истрага на активностите на организираната криминална група.