Македонија
26. October 2018 - 11:12

Откриена ДНК од четири лица во „омегата“ кај Смилковското Езеро

 

Со исказ на вешто лице вработено како биолог во лабораторија при МВР  денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за петкратното убиство кај Смилковско езеро од 12 април 2012 година.

На почетокот од рочиштето обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, побара од Судот да одговори до каде е постапката за екстрадиција на обвинетите  Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово.
 
Судијата Огнен Ставрев, кажа дека има добиено одговор од Министерството за правда, и побара Обвинителството да го прочита. Во одговорот од Министерството за правда се вели дека е побарана екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, но оти се уште нема одговор.
 
На денешното рочиште се повикани четири вешти лица, од кои тројца вештаци од Министерството за внатрешни работи. Вештакот објасни дека при МВР има две лаборатории, од кои во едната се врши биолошко испитување на траги од ДНК од место на настан, а во втората ДНК анализи на референтни примероци од лица земени за споредување. Двете се акредитирани.
 
– По наредба од истражен судија од 13 април 2012 година, истиот ден е извршена криминалистички техничка обработка на возило „опел омега“. Прегледот беше извршен во гаража во склоп на МВР, рече вештото лице.
 
При извршениот преглед во внатрешноста на возилото не биле воочени видливи траги, па се пристапило кон подигање траги од биолошко потекло од повеќе места во возилото. По спроведените ДНК анализи добиени се четири ДНК профили.
 
Добиените ДНК профили, посочи вештакот, се внесени во ДНК база за пребарување.
 
 „Монструм“ се наоѓа во доказна постапка, а на минатото рочиште искази даваа вешти лица од крим техника на МВР. Според нивните вештачења, кај Смилковско езеро било пукало со две пушки „калашников“ и еден пиштол.
 
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
 
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.