Бизнис
18. February 2020 - 19:36

Откажувањето на посетите од кинеските туристи поради корона вирусот нема да предизвика големи загуби

Туризмот во земјава нема да претрпи големи загуби од откажаните посети на кинеските туристи поради корона-вирусот, смета директорот на Агенцијата за поодршка и промоција на туризмот. Според него, ваквата состојба повеќе ќе ги погоди другите балкански држави, на пример Хрватска, бидејќи таму годишно доаѓаат околу 350.000 туристи од Кина, додека во Македонија во просек имаме меѓу 7.000 и 10.000 кинески туристи на годишно ниво.

“До сега, според мене, уделот на азиските туристи не е на големо ниво и не треба да очекуваме голем ефект во 2020 година. Точно е дека има одреден број на откажани групи, кои што се откажани од страна на самите тур-оператори. Според мене, еден до два проценти може да се надоместат со други пазари во кои што можеме да влијаеме”, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Според Јаневски, Македонија е последната неоткриена дестинација во Европа и треба да се искористат потенцијалите за да се привлечат што повеќе туристи.
Очекувањата се дека годинава конечно треба да се изнајде и нов модел на субвенционирање што ќе ги мотивира тур-операторите да носат повеќе гости како во сезона, така и надвор од сезона.

“Дополнително, истите да бидат плаќани според сместувачките капацитети. Тоа би значело дека сите тур-оператори кои што треба да однесат туристи во хотели со 5 ѕвездички ќе добијат најголема субвенција, па после тоа ќе имаме одредени градации надоле до приватното сместување, кое што исто така ќе има одредена субвенција, но таа ќе биде многу помала според инвестициите и според она што се вика категоризација”, објаснува директорот Јаневски.

Новиот модел на субвенционирање би требало да го опфати еко и агро туризмот во руралните средини, бидејќи големи се потенцијалите на Македонија во тој сегмент.