Бизнис
25. December 2017 - 15:14

Откажан штрајкот на машиновозачите, ќе ја чекаат ноемвриска плата до крај на неделава

Вработените во МЖ Транспорт на денешниот состанок се договорија да не ја спроведат претходно донесената одлука утре да го прекинат железничкиот сообраќај поради најавата дека во текот на неделава ќе им биде исплатена во целост ноемвриската плата, изјави за МИА Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал во МЖ Транспорт ад Скопје.

Раководството на МЖ Транспорт заедно со Владата, како што наведе Чакаровски, најдоа сили да го решат нашиот долгогодишен проблем со исплата на платата и веруваме дека ќе биде исплатена во текот на неделава во целост.

Пред околу две недели вработени во МЖ Транспорт целосно го блокираа железничкиот сообраќај, со што издејствуваа исплата на втората половина на платата за октомври, а најавија дека повторно ќе го активираат протестот доколку до 25 декември не им биде исплатена целата плата за ноември.

Владата во петок минатата недела соопшти дека се обезбедени пари за исплата на ноемвриската плата во МЖ Транспорт ад Скопје, откако  на седница ги прифатила одлуките за заем на ова железничко претпријатие од ЕЛЕМ и МЕПСО. 

Чакаровски денеска воедно упати апел до МЖ Инфраструктура ад Скопје, како што рече, да обезбеди одржување и безбедност на пругата поради честите ошетувања во изминатиот период. Последен таков случај имаше вчера кога на пругата кај Жеровјане беа ставени бетонски прагови и беше оштетен моторен воз на МЖ Транспорт. 

Апелираме да се преземат мерки затоа што нашата и безбедноста на патниците е загрозена. Може да дојде до несакани последици, рече Чакаровски.