Македонија
21. May 2019 - 16:41

Отказ за Трипуновски - опозиција обвинува за политички реваншизам- министерството за прекршен кодекс

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за политички реваншизам откако член на Извршниот комитет, на таа партија добил отказ од Министерството за земјоделство. Цветан Трипуновски се жали дека бил отпуштен поради различните ставови со власта и поради тоа што одржувал прес-конференции во име на партијата.

-Зоран Заев и Љупчо Николовски се занимаваат со политички реваншизам, наместо да ги решаваат проблемите  на земјоделците и да го унапредуваат земјоделието. Земјоделците го фрлаат својот род, поради катастрофално ниските откупни цени. Земјоделците се борат за парче леб додека министерот за земјоделие се шета по светските дестинации и се фали со својата скапа  брендирана облека. На Николовски му се потребни партиски послушници кои ќе ги премолчуваат и ќе замижуваат пред проблемите на земјоделците, истакна Трипуновски.

Од Министерството посочуваат дека целата дисциплинска постапка била водено транспарентно. Била формирана Комисија за водење на дисциплинската постапка, а таму присуствувал и Трипуновски заедно со адвокат, каде што било констатирано дека тој го прекршил Кодексот за административни работници.

-На одржаните прес конференции пренесувал информации и податоци кои произлегуваат од делокругот на работата на МЗШВ и тоа во форма на шпекулации, инсинуации и измислици во политички контекст. Изнесените податоци и информации имаат негативно влијание врз широката општествена јавност, целните ресорни групи,  домашни и странски институции. Со неговото неодговорно и штетно постапување Трипуновски директно ја нарушува довербата на граѓаните во институциите и во системот, се вели во дописот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Трипуновски во Министерството работел како државен советник за земјоделство, сточарство и рибарство.