Македонија
13. October 2020 - 19:53

Отфрлено тужбеното барање на Рускоска против ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителката Рускоска не ги доби 10-те илјади евра отштета кои ги бараше од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓанскиот суд смета дека тужбата за клевета била неоснована. Адвокатот на Рускоска најави жалба на пресудата.

„Доколку се служиме со јазикот на ВМРО-ДПМНЕ за јавна критика и сарказам, произлегува дека сваровски судијата избран од тефтерчето сепак не може да пресуди против тие што го избрале и уште го држат за уши“, изјави Панче Ефтимов, Адвокат на Рускоска.

Обвинителката Рускоска не ја коментираше пресудата. 

Адвокатот на опозициската партија смета дека граѓанскиот суд постапил според праксата на европскиот суд за човекови права. Во текот на постапката одбраната наведе дека партијата сакала на саркастичен начин да го прикаже незадоволството од работата на институциите.

„Одлуката со тоа што е одбиено тужбеното барање на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е во насока во целост кон праксата на Европскиот сду во Стразбур која што пракса во целост се потврдува правото на слободно изразување на мислата и правото на опозиционите партии и на сите оние кои што имаат критичка мисла во една држава да можат да си го искажат својот став на свој автентичен начин“, изјави Панче Тошковски, Адвокат на ВМРО-ДПМНЕ.

Рускоска го тужеше ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот престедател бидејќи на изборите партијата во своите реклами го користела нејзиниот лик. Тоа кај неа предизвикало несоница, ансиозност и страв, а за тоа приложила и психијатриско вештачење.