Македонија
10. February 2018 - 17:41

Отчет на Стојановски за првите сто дена од новиот мандат

Градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски во отчет за првите сто дена од новиот мандат рече дека општината работела на подобрување и изградба на транспортната, комуналната и енергетската инфраструктура во стопанските комплекси и локалните економски зони, преку кои се отворени можности за привлекување нови домашни и странски инвестиции, давање поддршка на постојните. Крајната цел, потенцира, е отворање нови реални слободни работни места.

Како што информира, во периодот по локалните избори е извршено  докомплетирање на системот за зафаќање, третман и одведување на отпадни фекални води во населеното место Марино, каде што се поставени 4000 метри канализациска мрежа и пречистителна станица со капацитет од 1250 еквивалент/жители на која се приклучени 300 домаќинства.

- Целосно се санирани и асфалтирани со зафаќање на атмосферските води седум локални улици оштетени од изградбата на фекалната канализација во вкупна должина од 1.500 метри. Реконструиран и асфалтиран е дел од локалниот пат Кадино-клучка автопат М1 во должина од 300 метри, рече Стојановски. 

Во делот на заштита на животната средина е извршено уредување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали на критичните локации на каналската мрежа во должина од 5.500 метри.