Македонија
18. September 2017 - 15:03

Отчет на министерот за култура Алаѓозовски за работата во првите сто дена

Јазикот и културниот идентитет се најважни приоритети во културната политика на новата Влада и оттука во првите сто дена се отпочнати процеси за измени на Законот за употреба на македонскиот јазик и се преземени интезнивни активности во заштитата на културното наследство.

Тоа се две клучни постигнувања кои денеска на прес-конференција ги посочи министерот за култура Роберт Алаѓозовски во отчетот за стоте дена од работата во Владата, нагласувајќи дека во изминатите години за нив не се посветувало доволно грижа.

Покрај итните интервенции во Чифте амам и Даут-пашин амам, преместувањето на вредните икони од Музејот на Македонија на соодветно место за чување, во повеќе институции се решава проблемот со запуштена инфраструктура или нестручна реставрација, како што е утврдена во црквата во Курбиново и во манастирот Трескавец. 

Истакна дека „Култура за сите’ е нивниот главен мотив, што дало резултати со првиот конкурс за „Нов културен бран“- првпат насочен и кон невладини организации, граѓански сектор, независната сцена за разлика од претходната манифестација „Топол културен бран“ кој, како што рече, бил наменет само за општините. Тоа што на конкурсот за редизајнираната манифестација имало околу 300 апликации, рече Алаѓозовски, е охрабрувачки дека политиките во културата одат во вистински правец, 

Транспарентност, пристап до информации од јавен карактер и навремени одговори, вклученост на граѓаните во креирање на политиките на Министерството и отвореност на институциите од културата се неколку новини кои ја разликуваат новата политика во културата во однос на претходната.

Министерот Алаѓозовски посочи и на засилената регионална и меѓународна соработка и соопшти дека досега имал средба со амбасадори од над 20 земји за конкретни проекти. 

- Излобиравме и добивме консензуална поддршка од сите 16 земји членки на Иницијативата 16+1 за соработка меѓу земјите од ЈИЕ и НР Кина во врска со идејата Центарот за културна соработка на Иницијативата да биде востановен во Скопје, рече Алаѓозовски на прес-конференцијата и соопшти дека токму заради оваа иницијатива и деталите за соработката од утре ќе престојува во Кина.

Во отчетот тој рече дека и покрај трансферот на власта институциите продолжиле тековно да ја извршуваат својата работа, а дека и покрај краткото време за запознавање на состојбите, летните одмори и, како што рече, опструкциите, инспекторите работеле напорно и нашле сериозни индиции за злоупотреба кои ќе бидат предмет на соодветни процедури. Само преку штетни менаџерски договори и договори за закуп, рече Алаѓозовски, тие досега утврдиле штета од околу 2,4 милијарди денари од Буџетот на Република Македонија.

- Наследивме огромни долгови. Само за изведба на Македонската филхармонија, на празен буџет, државата им должи на изведувачите над 900 милиони денари или околу 15 милиони евра. Во многу установи се забележани договори за огромни хонорари во однос на остварените задачи. На пример, за оркестрирање концерт во Филхармонијата биле исплатени 200.000 денари, сценариото за отворање на „Охридско лето“ чинело 150.000 денари, изведба на сцена за Струшките вечери на поезијата чинела дури 750.000 денари, реализирана преку авторски договор со физичко лице, договори без распишување тендер на сума поголема од 30.000 денари имало во Македонската филхармонија, а да не ја заборавиме ни фактурата за коктелот на отворање на новата зграда на Филхармонијата од 646.000 денари, рече Алаѓозовски, додавајќи дека спорно за овој објект е и тоа што е отворен без технички прием што, рече, е тешка повреда на процедурите  која можела да загрози и нечиј живот.

За новите раководители во установите информираше дека се назначени од самите колективи и дека нивниот мандат е ограничен на најмногу шест месеци, по што ќе следуваат конкурси за избор на нови раководители кога со свои програми ќе може да конкурираат и лица надвор од установите.

Нагласи дека целта на промените што ги прават е да ги ослободат институциите од директни партиски влијанија и опструкции и да овозможат услови за откривање на назаконитости и злоупотреби, да ги подобрат, како што рече, очајните услови за работа и да го сопрат запостаувањето на живата култура на сметка на градењето лажни културни вредности. 

Јавните културни нституции, истакна Алаѓозовски, сега се отворени, партиципативни и инклузивни, соработуваат со независната сцена, исто како и Министерството за култура, кое за унапредување на културата вклучува претставници од сите сфери на културата и има формирано повеќе тела и работни групи. 

Во отчетот министерот ги спомна и иницијативите за измени на закони кои се во собраниска процедура, како измените на Законот за употреба на македонскиот јазик со кои треба да се деблокира процесот на полагање лекторски испит, да се заштити и унапреди македонскиот јазик во јавната комуникација, потоа измени во Законот за култура во однос на национални пензии со што ќе се намалат финансиските обврски, како и Предлог-законот за престанување на важење на Законот за национален уметник во иднина за, како што рече, да се спречи клиентелизам и нееднаквост на уметниците. 

Меѓу приоритетите во Министерството за култура е и измена и дополнувања на Законот авторско право и сродни права, за што ја организирале првата јавна расправа со вклученост на сите засегнати страни. 

- Успеавме во речиси невозможно време да го подготвиме првиот нацрт на стратегијата за културен развој за наредните пет години, чиј процес на подоготовка не беше спроведен навремено од претходната власт. Затоа дизајниравме процес на јавна расправа која ќе трае повеќе од два месеца, која цениме да ги вклучи сите засегнати. Од почетокот на мандатот и самите организиравме неколку јавни дискусии, а учествуваме и на дискусии организирани од институции од културата, независната сцена и граѓанските организации. Ние не бегаме. Напротив, сакаме и охрабруваме дебати со граѓаните и со сите засегнати, додаде министерот за култура Алаѓозовски на прес-конференција за активностите  во првите сто дена од мандатот.