Спорт плус
10. January 2017 - 14:03

Отчет на АМС: 2016 беше една од најуспешните години со изградени 50 спортски објекти

Врз основа на начелото на транспарентност и отчетност и годинава ќе ги презентираме најголемите проекти и активности кои ја одбележаа минатата 2016 година во работата на АМС.
2016 беше една од поуспешните години за Агенцијата за млади и спорт. Беа реализирани огромен број проекти, од кој бенефит видоа спортистите, спортските работници, младите луѓе и сите граѓани. 
Во делот на капиталните инвестиции, 2016 е година во која се изградија вкупно 50 спортски објекти низ целата држава. 
Имавме одлична динамика на реализација на сите капитални проекти, бидејќи вложувањето во спортската инфраструктура е еден од приоритетите на Владата и АМС.
Од проектот за изградба на 35 спортски сали, се изградија сите 35 спортски сали, но дополнително во мпоментов во завршна фаза на градба се уште 3 нови спортски сали во Домот за деца без родители “11-ти Октомври” во Капиштец, општината Шуто Оризари и мала спортска сала во с.Бучин во Крушево, кои ќе се завршат со изградба во текот на 2017 година.
Сериозен напредок имавме и во реализацијата на проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава. Имено, досега се изградени вкупно 69 игралишта, од кои 13 игралишта се изградија во 2016 година, во фаза на градба се 3 повеќенаменски игралишта, а за 4 игралишта избран е изведувач и се чека добивање на одобрение за градба. 
Во насока на приближување на “белиот спорт” до граѓаните интензивно ги градиме и тениските терени насекаде во Македонија. Досега, од вкупно 120 тениски терени кои се предвидени во Програмата на Владата, Агенцијата за млади и спорт изгради вкупно 89, од кои само во 2016 година беа изградени 23 тениски терени (9 двојни и 5 единечни), а во фаза на реализација се 3 тениски терени (1 двоен и еден единечен). 
Покрај тековните типски проекти, Агенцијата изгради 2 спортски игралишта, во с. Зубовце, општина Врапчиште и с.Костурино-Струмица, а исто така и изврши санација и адаптација на едно фудбалско игралиште во с.Мороиште, Струга. 
Во моментов, во фаза на реализација се уште 2 спортски игралишта во с.Горно Косоврасти-Дебар и општина Зелениково, а во завршна фаза на реализација се и 2 фудбалски игралишта во с.Љубанци општина Бутел и Демир Хисар. 
Проектот за изградба на 20 фитнес зони требаше да го започнеме со реализација во октомври 2016, но реализацијата започна порано во јули, и досега изградени и ставени во употреба се 9 фитнес зони, а во завршна фаза е уште 1 (Маврово Ростуше), останатите 10 фитнес зони до целосна реализација на проектот, ќе се изградат во 2017 година.
Во напредна фаза со градба е затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив, а тоа се пливањето и ватерполото. Станува збор за капитален проект, за чија реализација се издвоени околу 5 милиони евра од буџетот на Агенцијата за млади и спорт, но ќе продолжиме со изградба на нови базени, почнувајќи со изградба на отворен пливачки базен во општината Шуто Оризари, за што во фаза е јавна набавка за избор на изведувач.
За сите овие проекти, во 2016 година од буџетот на Агенцијата се издвоија околу 400 милиони денари, што уште еднаш докажува дека спортот и спортската инфраструктура се во фокусот на работа на оваа Влада. 
Годинава со уште позасилена динамика ќе продолжиме со реализација на типските проекти, по кои е препознатлива Агенцијата, како изградба на нови спортски сали, повеќенаменски и тениски терени, базени и фитнес зони, како и реконструкција на веќе постоечки спортски капацитети. Веќе ги најавивме и новите проекти, кои АМС ќе започне да ги реализира: 6 градови ќе добијат нови скејт паркови за љубителите на адреналинските спортови, а од годинава ќе започнеме со градба на 150 игралишта за “street basket”, на локации кои се најпосетувани од младата популација и каде играњето уличен баскет е еден вид традиција и урбана култура. Овие игралишта ќе бидат со соодветна подлога, (согласно FIBA стандардите) која ќе може да се користи на сите временски услови.
Кога сме кај спортот, во изминатата година продолживме со директната поддршка на професионалните спортисти, стручните лица и сите спортски работници. За младите и талентирани спортисти обезбедивме 500 стипендии “Спортска надеж”, а вo насока на поддршка на училишниот и масовниот спорт и во 2016 година, најдобрите 300 ученици од училишните спортски игри беа наградени со бесплатно летување во Охрид на “Училишниот спортски камп”, каде имаа можност да се дружат со нивните спортски идоли. 
Продолживме и со валоризација на успесите на македонските спортисти, кои постигнале врвни резултати во странство, со доделување на стипендиите од меѓународна и светска категорија, како и на Националното спортско признание, популарната “Спортска пензија”. Ја доделивме и државната награда за остварувања во областа на спортот “8-ми септември” на 5 врвни спортски великани за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Македонија на меѓународен план. Добитник на наградата за животно дело беше нашата фудбалската и спортска легенда, Андон Дончевски, но награди добија и други тренерски легенди и спортски работници.
Она што е особено значајно во делот на поддршката на спортските работници, а особено на тренерите е нивното континуирано стручно усовршување. Во таа насока, од пред две години започнавме со реализација на проектот “Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри”, со кој досега опфативме 17 тренери од вкупно 11 колективни и индивидуални спортови, кои поминаа соодветна обука со примена на новите тренажни технологии. Овој проект планираме да го прошириме и од годинaва да го надградиме, а како една од обврските која се наметнува кон тренерите кои ќе посетуваат ваква стручна специјализација е потоа да одржат обуки со останатите тренери во федерацијата и да ги пренесат стекнатите знаења. 
Во фокусот на нашето внимание, покрај спортистите, учениците и студентите се и наставниците по физичко и здравствено образование, за кои и во 2016 година се спроведе проектот за нивно континуирано усовршување, со кој беа опфатени околу 1.000 наставници од основното и средното образование. 
Втор пат по ред беше означена Европската Недела на Спортот која се одржа од 10-17 Септември, а Агенцијата за млади и спорт како дел од овој глобален настан го организираше Спортскиот саем на плоштадот “Филип II”.  
Еден од проектите кој наиде на голем прием и барања од родителите да се прави почесто е проектот „Спортот и семејните вредности“, чија основна цел е да се промовира спортот преку семејните вредности и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности, да се дружат повеќе меѓусебно, но и да се зајакнат врските во семејството, а во текот на 2016 година овој проект се реализираше во Штип, Василево, Македонски Брод, Кочани и Кратово.
Во делот на младите, продолживме со реализација на проекти со кои се потврдува нивната движечка сила како промотори на новите вредности во македонското општество. 
Трета година по ред успешно беа реализирани проектите: “Млади поети” и “Млади уметници”, чија основна цел е поттикнување на креативноста и творештвото кај младите луѓе. Сите дела на младите поети кои учествуваа во проектот „Млади поети“ беа објавени во збирка поезија, промовирана на 23 декември 2016 година во Градската библиотека Брака Миладиновци, додека пак делата од проектот „Млади уметници“ беа дел од изложбата Young Art, одржана од 12-19 декември во Националната галерија на Република Македонија во објектот Мала Станица. 
Успешно беше реализиран и  проектот „Најдобар млад програмер“ кој се имплементира во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Здружението на информатичари на Македонија. Целта на проектот е да ги поттикнува младите средношколци да го продолжат своето образование на техничките науки. Најдобрите кандидати беа наградени со парични награди од АМС и бесплатни стипендии за студирање на ФИНКИ, а имаа и можност во одлично светло да ја претстават нашата држава на Балканската и Светската Олимпијада по информатика и програмирање, каде постигнаа одлични резултати. Во конкуренција на 308 ученици од 86 земји, бронзениот медал го освои 17 годишниот Владимир Максимовски. 
На 05 јули во рамки на Самитот за Западен Балкан кој се одржа во Париз, Франција од страна на премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина беше потпишана Меѓународната спогодба за воспоставување на Регионална канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан , која  има за цел да ја поттикне соработката меѓу младите луѓе од регионот. Канцеларијата ќе започне со работа во март 2017 година, со седиште во Тирана, а планирано е и отворање на  национални канцеларии во останатите 5 земји, од кои една е  во Република Македонија.
Во текот на  септември беа реализирани 2 обуки за јакнење на капацитетите на локалните младински совети, каде учествуваа претставници од 57 младински совети, од исто толку општини. 
Продолжи реализацијата на Кампањата против говор на омраза која во нашата држава се имплементира преку Националниот комитет против говор на омраза, чиј координатор е Агенцијата за млади и спорт. Во текот на 2016 година се приклучија 6 нови организации кон Националниот комитет, а беше имплементирана Петтата школа против говор на омраза, обуки за политичките подмладоци за намалување на говорот на омраза во политичката комуникација и беа одржани различни активности за намалување на говорот на омраза на локално ниво. 
Во перидот  февруари - мај продолжи имплементацијата на проектот „Стоп на пороците кај младата популација“, кој Агенцијата за млади и спорт го имплементира во основните училишта. Проектот во оваа фаза опфати околу 4000 ученици од седмо  до деветто одделение, во општините Охрид, Гази Баба, Кавадарци и Прилеп. 
Конечно, новите мерки за развој на спортот, според мене го одбележаа крајот на 2016 година. АМС кон крајот на 2016 година интензивно работеше на измени и дополнувања на соодветните закони, реализираше неколку јавни расправи и ги донесе подзаконските акти, со кои се обезбедуваат нови и стабилни извори за финансирање на спортот, и тоа преку:
- Обезбедување на средства од правни лица кои вршат приредување на игри на среќа и забавни игри во обложувалници и автомат-клубови.
- Поддршка за федерациите, спортските клубови и спортисти поединци низ поддршка на компаниите кои ќе финансираат спортска федерација или спортски клуб преку соодветни даночни олеснувања, според утврдени правила. 
 
Први, бенефитот од овие мерки го видоа претставниците на РФМ, за кои обезбедивме 6.6 милиони денари за поддршка на квалификацискиот турнир за учество на СП во Алжир за М-21, како и за целосно покривање на трошоците за учество на машката сениорска репрезентација на СП во Франција, од 12-29 јануари, годинава.
Ја користам оваа прилика да ги охрабрам и стимулирам компаниите да ги искористат новите поволности согласно измените во Законот за спорт и Законот за данокот на добивка и повеќе да вложуваат во спортските клубови, спортските федерации и индивидуалните спортисти и на тој начин директно да придонесат за развојот на македонскиот спорт.