Македонија
29. October 2017 - 13:20

Осветена црквата „Покров на Пресвета Богородица“ во Лешани

Во манастирскиот комплекс „Сите Светии“ во охридското село Лешани денеска беше осветена црквата посветена на „Покров на Пресвета Богородица“. Црквата почна да се гради во 2012 година, најголем дел со манастирски средства и со донации од верниците.

Осветувањето го извршија митрополитот на Дебарско – кичевската епархија владиката Тимотеј, заедно со свештенството и старешината на манастирот отец Вартоломеј. 

-  Овој храм да го прими Бог како дар од нашата љубов и вера во него, како и благодарост за сите добрини што ги излеа врз нас, по молитвите на Пресвета Богородица и Сите Светии, изјави отец Вартоломеј.

Идејата за изградба на црквата дошла по појавата на чудо во манастирскиот комплекс на денот на зачнување на света Ана - 22 декември во 2004 година, кога се појавила силна светлина, во четири снопа. На две минути пред полноќ комплексот бил осветлен како напладне, а точно на полноќ четирите пламени снопови се собрале во сред манастирски двор и исчезнале. На 12 јули следната година на влезната врата од манастирскиот комплекс се појавил неракотворниот лик од Пресвета Богородица, а под нејзиниот лик раката на Господ Исус Христос, кој ги благословува сите добронамерни верници што одат на поклонение.