Македонија
27. May 2016 - 15:52

Осветен крст во Лешочкиот манастир посветен на руските монаси

Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан заедно со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак  присуствуваа на денешното осветување на крстот што е донација на  амбасадата во манастирскиот комплекс Св. Атанасиј во Лешок.

Овој крст е поставен во спомен на 35 руски монаси од Валаамскиот манастир кои во дваесетите години од минатиот век спасувајќи се од прогонувањата на православието во тогашна советска Русија пристигнале во Македонија и тоа во Лешочкиот манастир. 

Во церемонијата на осветување на крстот покрај г.г. Стефан присуствуваа и надлежниот митрополит тетовско-гостиварски г. Јосиф, митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј, брегалничкиот митрополит г. Иларион, како и повеќе други свештенослужители од МПЦ додека од Руската православна црква присуствуваше игуменот Методиј од Валаамскиот манастир.

 

На свеченоста присуствуваше и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје проф. д-р Велимир Стојковски, кој е истовремено и почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, како и градоначалниците на општина Теарце, Исен Асани и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски.

- Лешочкикот манастир беше прв кој ги прими духовните браќа од Русија во 1926 година. Токму одовде тие се населија по манастирите во различни делови низ Македонија каде започнаа активна подвижничка дејност насочена за обновување на монаштвото во Македонија. Потоа кон нив се приклучија и многу други руски монаси и монахини  дојдени од Света Гора. За жал точната бројка на монаси не е позната, но фактот е дека во скоро секој македонски манастир има гробови на руски монаси, рече амбасадорот Шчербак.

Тој истакна дека во Русија многу се благодарни на народот на Македонија за милосрдната гостопримливост со која тука се  однесуваа кон руските луѓе и монаси кои беа принудени да ја напуштат својата татковина во тие години навистина тешки за православието.

Присуството на и делегација од Валаанскиот манастир, според Шчербак е јасен и цврст доказ дека тие руски монаси не се заборавени во родниот дом каде се сеќаваат на своите синови и ќерки и им оддаваат почит.

Се заблагодари и на великодостојниците на МПЦ за нивната поддршка за овој проект кој, како што рече, ја потврдува нераскинливата духовна врска меѓу нашите два православни народи.

Г.г. Стефан во својата беседа пред присутните истакна дека овој велелетен крст изработен според образот од крстот на Валаамскиот манастир е значајно од повеќе причини.

- Овој крст овде е дар, споменик за оние богољубиви души кои прогонети од местото на своето телесно и духовно раѓање од местото на своето потстрижение од својот возљубен дом стигнале овде во овој свет манастир, но и низ многу светињи во Македонија и на Балканот, како и во други земји и континенти. Историјата посведочила, но тоа го потврдуваат записите и надгробните плочи и манастирските патерикони и истражувачите дека по Октомвриската револуција во Русија многуброен побожен руски народ и духовништво биле принудени да емигрираат надвор од Рујсија, а многумина од нив го дале својот живот и маченички пострадале за вистината за Христа. Меѓу нив биле и многуте браќа од Валаанскиот манастир кои директно го почувствувале духот на апокалиптичното време, рече г.г. Стефан.

Тој додаде дека со овој крст, на овој благословен духовен македонски простор како да му додаваме уште едно светилиште да сведочи покрај многуте други за нашата вистина, за нашето православно минато и за нашето место меѓу другите православни народи.

- Со поставувањето на овој свет крст на прогонетите валаамци веруваме им го исполнуваме копнежот како да им го донесовме Валаам тука пренесувајќи дел од нивниот дом овде каде што тие поживеја и се упокоија. Па така овој крст нека биде надеж за ова свето место чии лузни сведочат и за многуте претрпени страдања, угнетувања, уривања. Ние христијаните немаме со што да се фалиме освен со крст на нашиот господ, истакна г.г.Стефан.

На Андреј Николаевиќ Деменко од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ му беше доделено црковното одликување Орден на свети Климент Охридски од трет ред, а на игуменот г. Методиј од спасопреображенскиот манастир во Валаам црковното одликување орден од свети Климент Охридски од прв ред за нивниот придонес во зацврстувањето на духовните врски на МПЦ-ОА и РПЦ и духовните врски помеѓу македонскиот и рускиот православен народ.