Македонија
26. October 2018 - 18:13

Осумтемината пратеници го известија Џафери дека ќе делуваат како независни во нова пратеничка група

Осумтемина опозициски пратеници, кои гласаа за пристапување кон уставни измени,  попладнево до Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери доставиле известувања дека во иднина ќе настапуваат самостојно како независни пратеници и дека формираат нова пратеничка група.

Претседателот на Собранието, Џафери за МИА изјави дека добил поединечни известувања од овие пратеници дека во иднина во Парламентот ќе настапуваат самостојно како независни пратеници.

Во меѓувреме до собраниската архива официјално е доставен акт дека овие пратеници ќе формираат нова пратеничка група.

Најверојатно координатор на оваа пратеничка група, според информациите на МИА, ќе биде Елизабета Канческа-Милевска.

Оваа нова пратеничка група во Парламентот, како што велат, ќе делува опозициски и од понеделник ќе ги започне разговорите за нацрт предлозите за уставни амандмани, но во согласност со нивните четири барања што ги доставија  до Собранието пред гласањето за уставни измени минатиот петок.

Во оваа пратеничка група освен Канческа-Милевска ќе бидат и пратениците Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Сашо Василевски, Зеќир Рамчиловиќ и Нола Исмаиловска Старова