Балкан
16. January 2017 - 15:58

Осумдесет отсто од сириските бегалци веројатно ќе останат во Турција

Околу 20 отсто од трите милиони сириски бегалци, кои престојуваат во Турција, се очекува да се вратат во своите домови, а останатите 80 проценти веројатно ќе останат во Турција, изјави на прес-конференција турскиот омбудсман Шереф Малкоч.

Тој изрази надеж дека на претстојните мировни преговори за Сирија во Астана ќе биде посветено доволно внимание за решавање на овој проблем.

Малкоч се повика на податоци објавени од ОН, нагласувајќи дека најголем број од сириските бегалци престојуваат во Турција.

Според него, Турција подготвува специјален извештај во врска со проблемите со миграцијата. За таа цел се посетуваат бегалските кампови во земјата и се одржуваат средби со невладини организации и официјални институции, кои се занимаваат со тие прашања.

Турскиот омбудсман додаде дека вкупниот број на пристигнатите бегалци во Турција, не само од Сирија туку и од други земји, достигнал четири милиони лица.