Македонија
19. јуни 2017 - 10:52

Осуманесет повредени во 20 сообраќајки во изминатите три дена во Скопје

Дваесет сообраќајни несреќи се регистрирани во текот на изминатите три дена на подрачјето на СВР Скопје, во кои 18 лица се здобиле со полесни повреди. Во осум сообраќајки е причинета материјална штета. 

Од евидентираните осум сообраќајки во петокот во пет со полесни повреди се здобиле осум лица, а три незгоди се со материјална штета.

Во саботата, пак, се случиле пет сообраќајни незгоди, во три полесно се повредени три лица, а во две е причинета материјална штета.

Како што информираат од СВР Скопје, вчера во Скопје се регистрирани седум сообраќајки. Во четири незгоди со полесни повреди се здобиле седум лица, а во три е причинета материјална штета.

Во текот на изминатите три дена од страна на сообраќајната полиција откриени се поголем број прекршоци. Тројца возачи не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, шест возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, девет возачи поминале на црвено светло на семафор, а 18 возачи го управувале возилото по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола. Затекнати се 12 непрописно паркирани возила.  

Викендов со помош на специјалното возило „пајак“ се отстранети 85 непрописно паркирани возила. рп/са/09:35