Македонија
11. October 2018 - 16:45

Осум патници на македонска агенција повредни на автопат во Австрија

Осум македонски државјани се повредени во сообраќајна несреќа во близина на Линц Австрија. Повредените биле патници во автобус со скопски регистарски ознаки кој според пишувањата на австриските медиуми бил застанат на автопатот на лентата за дефекти поради технички проблем. Во 6 часот утрово од засега непознати причини во задниот дел во автобусот удрил камион товарен со дрва. При сударот се превртела кабината на камионот, а тешко повредениот возач останал заглавен внатре до доаѓањето на спасувачките екипи. Потоа со хеликоптер бил пренесен во болница. Информацијата за повредените македонски државјани ја потврди и Министерството за надворешни работи.

-Во автобусот имало 18 македонски државјани, од кои 2 лица се потешко повредени, но не се во животна опасност и 6 се полесно повредени, информираа од МНР.

Повредените патници од Македонија се хоспитализирани во тамошните болници, а останатите 10 лица меѓу кои и 4 деца се згрижени во Црвениот крст.

Нема официјална потврда на која агенција е автобусот, но на снимките од австриските медиуми се гледа дека станува збор за Недо од Гостивар. Денеска на македонските броеви на превозникот не се јавуваше никој, а на германскиот кратко рекоа дека неможат да ни дадат никакви информации во врска со несреќата. Неофицијално автобусот патувал за Германија.

Како дошло до сообраќајката утврдува полицијата на Австрија. Додека траел увидот неколку часа бил затворен и фреквентниот автопат.