Македонија
8. April 2021 - 20:30

Осум лица од штипскиот затвор се позитивни на коронавирусот

Осум лица од штипскиот затвор се позитивни на коронавирусот. Од нив тројца се вработени, а 5 се осудени лица на издржување затворски казни. Инфицираните осуденици се изолирани од останатите и сместени се во две различн простории. На препорака на директорот на казнено поправниот дом, Мики Тодоров, дел од нив се упатени на дополнителни лекарски прегледи.

- Три од осудените лица се спроведени на дополнителни испитувања во инфективното одделение во клиничката болница-Штип, каде им е направена комплетна крвна слика и компјутерска томографија на белите дробови- изјави Мики Тодоров, директор на кпд-затвор Штип

По извршените прегледи, констатирано е дека се во стабилна здравствена состојба, а согласно препораките на затворскиот доктор и лекарскиот тим од инфективно одделение, два пати на ден им се мери телесната температура и мерење на сатурација. Во однос на имињата на заразените осуденици, Тодоров не сакаше да го соопшти нивниот идентитет, но истакна дека дел од објавените имиња во јавноста се шпекулација.

- Нема да коментирам кои од осудените лица се позитивни на корона вирусот заради заштита на нивниот идентитет и интегритет- додаде Тодоров

Состојбата е критична и во Ковид центарот, каде се хоспитализирани 94 пациенти, по 47 во модуларна и на инфективно, каде има 10 слободни места, но нема можност за прием на пациенти со средна и тешка клиничка слика, зашто нема да имаат кислородна поддршка. Во последното деноноќие починати се 4 пациенти, што е најголем леталитет во штипската болница од почетокот на пандемијата.