Македонија
15. December 2019 - 11:45

Осудените лица од затвор Куманово изработија урбана опрема што ќе биде поставена на повеќе локации во градот

Осудените лица во затворот Куманово во Кшање изработија урбана опрема што ќе биде поставена на повеќе локации во Куманово, соопштија денеска надлежните од установата.

Осудените лица преку редовната програма за ресоцијализација изработија куќички за птици, за кучиња, клупи, маси, бетонски саксии, фонатана. Урбаната опрема ќе биде поставена во паркови, на зелено-цветни површини и сообраќајници на повеќе локации во градот, камената фонтана е поставена во Соколански парк.

–Во редовните програми за ресоцијализација на осудените лица спаѓа и нивното работно ангажирање, во и надвор од институцијата, согласно законските одредби. Како дел од таа работна ангажираност се сметаат нивните секојдневни работни обврски што ги имаат во установата, но и нивната доброволна вклученост во проектите што ги имаме договорено за соработка со други државни институции. Во последно време сме многу активни на тоа поле, а мора да се признае и доста креативни, изјави директорот на затвор Куманово, Марјан Спасовски.

Установата претходно склучи меморандуми за соработка со повеќе институции, општина Куманово, ЈП „Чистота и Зеленило“, НУЦК „Трајко Прокопиев“, така што опремата што ја изработуваат осудените лица се поставува на локации што претходно се одобрени. Мини библиотеката е поставена пред центарот за култура, а целта е да се привлече вниманието на граѓаните, вели Спасовски и да се поттикне читањето и размената на книги.

–Овие активности се спроведуваат заради подобро ресоцијализирање, а воедно и поквалитетно искористување на слободното време на осудените лица. Воедно, сакаме да дадеме наш придонес во оплеменување на градот, а се е со цел осудените лица на некој начин да му се оддолжат на општеството.  Ова не е првпат да реализираме вакви активности, а секако дека ќе продолжиме и во наредниот период. Отворени сме за соработка за сите кои сакаат да соработуваат со нас, во рамки на законските можности, додава Спасовски.

Наредната година, појаснува  посебен акцент ќе се стави на образовниот процес на осудените лица.

-Во преговори сме со МОН И УНДП да продолжиме со проектите за шестмесечни обуки на осудените лица, бидејќи сметаме дека образованието е клучен сегмент во ресоцијализацијата,  информира Спасовски.

Проектот со Министерството и со УНДП и претходно се спроведуваше и низ обуките поминаа поголем број осудени лица кои се стекнаа со сертификати за пекарство, браварство и аргон заварувачи.

– Дел од нив и по завршување на казната затвор успешно продолжуваат во таа насока и навистина се успешни во тоа што го работат, вели Спасовски.

Осудените лица во затвор Кшање досега проследија и неколку театарски претстави, а имаа можност да присуствуваат и на поетско читање, на спортски турнири.

–Во неколку наврати имаме праќано и екипи да помагаат во расчистување на градските гробишта во Куманово, вели Спасовски.

Тој најави дека ќе продолжи соработката со овие и со други заинтересирани институции.