Балкан
17. October 2017 - 13:32

Осуда за физичкиот напад на главниот уредник на „Инсајдер“

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедносткоја претставува повеќе од 7.800 членови,  го осудува физичкиот напад на главниот уредник и истражувачки новинар на косовски „Инсајдер“, Вехби Кајтази, што се случи минатиот петок. 

Во заедничката реакција на  платформата, што денеска ја пренесе Здружението на новинари на Македонија, се наведува дека Кајтази бил физички нападнат во моментот кога излегувал од „Lounge café” во центарот на Приштина. Тој добил неколку удари, кои му предизвикале полесни повреди и гребнатини. Иако непознат човек, непосредно пред нападот, Кајтази се сеќава дека го забележал сторителот во истиот ресторан со политичари и луѓе блиски до истражните предмети на Insajderi.com.

Во неделата Фитим Тачи, во присуство на неговиот адвокат, се предал во полициската станица во Приштина и беше осуден на 30 дена притвор.

- Ова е втор физички напад врз менаџментот на Insajderi.com во последните три месеци. Во август годинава директорот на Insajderi.com Парим Олури и неговата свршеница беа физички нападнати додека влегувале во нивната зграда во Приштина. Овие два случаја се повеќе од загрижувачки за целата медиумска заедница во Косово, истакна Шкељќим Хисенај, претседател на Здружението на новинари на Косово.

Платформата ќе испрати писма до сите релевантни власти во Косово, барајќи од нив да спречат каква било форма на насилство врз новинарите, итно и темелно да ги испитаат сите факти за овој и за другите случаи на насилство. Со тоа, тие ќе испратат силна порака до јавноста дека таквото однесување не е прифатливо. Исто така, Платформата ќе го пријави случајот во Mapping media freedom, платформа за промоција на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите.

- Регионалната платформа силно го поддржува Здружението на новинари на Косово и неговите напори за заштита на новинарите и слободата на говорот. Платформата, исто така, ги повикува меѓународните организации кои се занимаваат со заштитата на слободата на печатот и правата на новинарите да ги поттикнат релевантните власти да ги истражат неодамнешните, но и другите случаи. Нападот на новинарите е директен напад врз слободата на изразување и правото на граѓаните да бидат информирани. Во 2017 година, Здружението на новинари на Косово регистрираше 11 напади врз новинари, се вели во реакцијата.