Македонија
3. August 2022 - 16:37

Остри реакции за скратените текстови на песните за прославата на Илинден

Некогаш песната звучеше вака...

На 1 Август во Крушево годинава звучеше вака

Ненамерна грешка или веќе установена пракса. Гоце Делчев и борбата против фашизмот повторно изоставени, овој пат во изведбата на песната „Во борба“ за време на прославата за Илинден во Крушево организирана од владата.

Македонската диригентка Бисера Чадловска под чија диригентска палка беше изведена композицијата „Во борба“ во изјава за Сител вели дека не е направена никаква грешка, ниту пак е цензурирана. Станува збор за текст кој веќе 20 години се изведува во таа форма која беше и презентирана на манифестацијата во Крушево.

Изоставената строфа  Излеговме ние смели партизани, над нас на Гоце знамето се вее, во гори, полја и на сите страни, фашистичка крв насекаде се лее, ја разгоре македонската јавност.

Универзитетскиот професор Тони Десковски во објава на социјалните мрежи реагира дека некој одлучил да го осакати ова дело.

Кога ќе се згреши, грешката треба да се признае и да се понесе одговорност. Никој не тврди дека уметниците насила пееле скратен текст, ниту пак дека таквото кратење е од вчера. Едноставно, изведено е осакатено дело, во кое случајно е “испуштен” Гоце Делчев и борбата против фашизмот.

Музичката сцена поделена – дел од пејачите велат дека ова е само уште една од низата намерни грешки, откако беше скратена и националната химна, но дел се децидни дека никој со сила не можел да ги натера хористите да менуваат текст или да пеат поради нечиј интерес.

Химната и песните напишани на маката на народот никогаш нема да ги смените, а вие ќе останете цел живот предавници, напиша Владимир Влажев од ДНК.

Не е исфрлена, зошто паѓате веднаш на провокации, аранжманот кој го пеевме е стар сигурно повеќе од една деценија, реагира пејачката Елена Петреска.

Инаку песната е дел од постхумно објавената збирка на Кочо Рацин.