Свет
4. July 2016 - 14:17

Оставка на Најџел Фараж од лидерската функција во УКИП

Лидерот на антиевропската Партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП), Најџел Фараж. соопшти денеска во Лондон дека се повлекува од функцијата.

- Со изгласувањето на Брегзит на референдумот и заминувањето на Британија од ЕУ, ги постигнав целите на својата политичка работа, изјави Фараж.

Тој призна дека раководењето со УКИП не било лесна работа, но дека вредел трудот што го вложил во партијата.

Фараж смета дека Велика Британија сега треба да избере премиер, за Брегзит, индиректно порачувајќи дека тоа треба да биде некој од конзервативците кои агитираа за напуштање на Унијата, а тоа не е Тереза Меј, која засега важи за фаворит во избрната трка.

Фараж е европратеник и таму ќе остане се додека Британија и формлано не се повлече од ЕУ.

Медиумите во Лондон навестуваат дека иако би можел да се означи себе си како победник на референдумот, Фараж по гласањето од 23 јуни, бил во судир со некои од високите партиски функционери, како и со единствениот пратеник во британскиот Парламент.

Медиумите откриваат дека пратеникот на УКИП Даглас Карсвел, поранешен пратеник на Конзервативната партија, на Твитер изрази задоволство од оставката на партискиот лидер.

Фараж ја раководеше оваа партија осум години.Во 2009 година, за кусо време се повлече, но беше одново избран за лидер во 2010 година.

На парламентарните избори во мај 2015 година, неговата партија помина мошне лошо, освојувајќи само едно пратеничко место, она на Карсвел што го имаше како „бегалец„ од редовите на конзервативците.

Фараж иако лидер, не успеа да победи во својата изборна единица и не стана пратеник. Поднесе оставка по поразот, но следниот ден се предомисли и остана да ја води УКИП.