Македонија
20. May 2019 - 16:32

Оставка на Детската клиника, во тек оглас за нови менаџери

Директорката на Клиниката за детски болести поднесе оставка на функцијата. По речиси двегодишно менаџирање на установата, доктор Ставриќ вели дека се повлекува од лични причини. Информацијата ја потврди и министерот за здравство и најави дека оставката била доставена во неговиот кабинет уште за време на претседателските избори. Филипче засега не знае кој ќе продолжи да раководи со клиниката, но тврди дека има искусни лекари на Детска. Оваа здравствена установа изминатиот период беше во фокусот на вниманието по неколкуте смртни случаи од морбили.

-Деновиве сакам да се сретнам со директорката, да поразговарам кои се причините за нејзиното повлекување, дали останува на одлуката за оставка, или не, ако останува тогаш ќе разговараме со други кандидати за директорската позиција, вели Венко Филипче, министер за здравство. 

Покрај оставката на Ставриќ, Филипче не открива дали и  кои други функционери на здравствени установи ќе бидат сменети, откако изминатиот месец најави дека од министерството прават анализи за работењето на раководителите во здравствениот сектор. Но, со објавувањето на испитот за директори, во иднина со болница и клиника ќе раководат само оние кои положиле за менаџери.

-Тие сега се в.., но за да бидат на позиција директор ќе мора да полагаат, вели Филипче.

Инаку, најголем број од договорите за в.д. во здравствените установи завршуваат на крајот на летото.