Македонија
25. јуни 2020 - 12:30

Останува забраната за организирање свадби, веселби и музички настани

Од утре во угостителските објекти ќе биде дозволено да се примаат гости и во внатрешните делови, меѓутоа не е дозволено да се организираат свадби и други видови на прослави. Исто така се забрануваат и музички настани односно ова би значело дека во објектите не смее да има жива музика. Музичарите реагираат на ова правило со образложение дека вака неможат да егзистираат. Тие бараат состанок со надлежните со цел промена на ова правило а во текот на денот се очекува и реакцијата од туристичко-угостителската комора.

Според Протоколот остануваат мерките да мора да има дезинфекциски средства на сите маси, гостите да бидат на растојание од 2 метри, најмногу на маса да седат двајца, персоналот да носи заштитна опрема, постојано да биде вршена дезинфекција во објектите, тоалетите и да не се користат сушачите за раце. Останува и правилото дека на една маса можат да седат четири лица но само ако се од иста фамилија.

Угостителите велат дека не работат рентабилно во вакви услови, ако продолжи ваква ситуација ќе мора да ги затворат објектите, бидејќи трошоците им остануваат исти а заработката е помала. Тие се надеваат дека надлежните ќе излезат во пресрет и ќе им се овозможи да работат според правилата кои тие ги бараат.