Македонија
12. July 2018 - 11:02

Осомничените тврдат: Случајно го сретнавме Саздо на улица

Двајца осомничени за убиството на 21-годишниот Никола Саздовски, вчера беа на распит во Основното јавно обвинителство. Како што информираат од МВР, сѐ уште се трага по третиот напаѓач. Против него е распишана потерница, што значи дека полицијата нема информации дали ја преминал границата

Двајцата веќе притворени напаѓачи вчера за првпат се сретнале со своите адвокати.

Според информациите до кои дојде „Независен весник“, скопјаните Скендер Д. (19) и Бесир Б. (20), веднаш по апсењето, биле донесени кај судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд и им биле одредени адвокати по службена должност. Нивната одбрана се темелела на тоа дека кобниот ден, се возеле со автомобилот „мерцедес“ и случајно на автобуска станица во населбата Автокоманда го здогледале младото момче, со кое неколку недели биле во „интернет војна“ преку „Фејсбук“. Запреле, излегле од возилото, го прашале момчето: „Ти си Саздо?“ Добиле потврден одговор, по што дошло до инцидентот.

Осомничените во Обвинителството се бранеле со молчење, сакале прво да ги видат доказите, па да се произнесат.

Обвинителството сѐ уште не одлучи дали ќе го преимени кривичното дело.

Во вторникот беше сослушана девојката на Саздо, која била со него дента кога бил нападнат.

По десет дена кома, Никола Саздовски почина на КАРИЛ. Неговите другари тврдат дека напаѓачите го претепале со шипки, а пота избегале.