Македонија
18. March 2019 - 15:03

Основци од Битола во меѓународен проект „Зелени училишта за одржлива иднина“

Ученици од ОУ „Стив Наумов“-Битола и нивни врсници од Италија, Португалија, Романија, Полска и од Грција, во рамки на програмата Еразмус плус, го претставија проектот „Зелени училишта за одржлива иднина”.

Проектот опфаќа повеќе еколошки теми, а во Битола ќе се креира училишна еко-градина.

-За време на престојот во Грција, учениците и наставниците работеа на тема вода, во Полска се работеше за воздухот, а за тоа како да се штеди енергија, учениците и нивните наставници работеа во Романија. Во Битола, учениците и наставниците гости, заедно со своите домаќини од ОУ „Стив Наумов“, ќе работат на креирање на еко градини во училиште, информираа организаторите на промотивниот настан.

Јавна поддршка за меѓународниот проект даде и градоначалникот на Битола, Наташа Петровска, која приреди прием за гостите од странство.

Целта на проектот е да се воспостави трајна врска помеѓу децата и природата, а исто така да се работи на  развојот на висока еколошка свест кај учениците од најмала возраст, која понатаму ќе ја применуваат во секоја област од нивното живеење, беше нагласено за време на претставувањето на проектот „Зелени училишта за одржлива иднина“ во Битола.