Бизнис
11. September 2019 - 16:24

Основци и средношколци добија грантови за иновативни проекти

Средношколци од Виница смислиле како преку преработка на отпадни лименки да се добие супстанца корисна за хемијата. Верче Ѓоргиева е дел од тимот кој успеа за својот иновативен проект да добие грант од Фондот за иновации.

“Преку вакви настани секој има можност да истражува и создава. Се дава простор на многу училишта да пријавуваат проекти бидејќи не се знае каде сè се кријат таленти, односно идни хемичари, истражувачи и техничари”, изјави Верче Ѓорѓиева од средното училиште Ванчо Прке од Виница.

Вкупно 34 тимови од основни и средни училишта добија поддршка за реализација на своите иновативни идеи. За оваа намена ќе бидат потрошени 100.000 евра, а учениците ќе имаат една година за идејата да ја претворат во реалност.

Фондот најавува и нов проект, чиј таргет ќе бидат младите научници.

“Предизвикот за млади истражувачи ни даде добар повод, добар вовед за да почнеме да работиме, веќе го најавивме пред неколку месеци, за месец дена и ќе го презентираме концептот на еден нов фонд за млади умови”, најави Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Проектите на учениците се од повеќе области, како земјоделие, енергетика, соларна енергија, вселенски истражувања итн. Ова е втор јавен повик наменет за млади истражувачи и до сега вкупно 54 основни и средни училишта се корисници на грантови од Фондот за иновации во вкупна вредност од околу 165.000 евра.