Македонија
4. November 2015 - 17:05

Осмо последователно намалување на цените на лековите

Осмо по ред намалување на цените на лековите. Од вчера во аптеките поефтини и до 50 проценти се 282 антибиотици, препарати за кардиолошки и невролошки заболувања како и лекови за висок крвен притисок, како и за кардиолошки и невролошки заболувања. Годишната заштеда е над еден милион евра. На пример лек кој се користи за третман на чир пациентите порано го купувале за 633 денари. Неговата нова и пониска цена е 332 денари. Големо намалување има и кај лекот за остеопороза и рак на коски кој од 8052 е намален на 4802 денари.

- Намалувањето на цените на лековите е една системска реформа на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство, која во континуитет ја спроведуваме, со цел да овозможиме поголема достапност на лековите кои се неопходни за лекување на одредени заболувања, како и за превенција и одржување на здравјето. Со намалувањето се опфатени како лековите за болничка употреба, така и лековите кои граѓаните ги купуваат во аптека, изјави Никола Тодоров министер за здравство

Со претходните седум намалувања на цените на лековите, почнувајќи од февруари 2012, досега се поефтинети 4500 лекови од кои голем број биле намалувани и по неколку пати.  Вкупната заштеда за здравствениот систем е околу 32 милиони евра.

- Амлодипин во 2011 година бил 130 денари а сега е 45 денари. Клопидогрел во 2011 е 1419 денари а сега е 474 денари, вели Тодоров

Од министерството за здравство најавија дека ќе продолжат и во иднина да ги намалуваат цените на лековите, се со цел нивна поголема достапност но и заштеди за здравствениот систем.