Македонија
7. March 2018 - 12:49

Османи: Власта и опозицијата се обидуваат да постигнат консензус за три или четири мерки од Планот 3-6-9

Три или четири мерки се означени со црвено, како мерки кои доцнат во рамки на реформите содржани во Планот 3-6-9  и за нив интензивно разговараат политичките партии од власта и опозицијата со цел да се постигне политички консензус, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Не изнесе конкретно кои се тие мерки, но напомена дека се разговара за сите закони во делот на правосудството и безбедносните служби.

Истакна дека има напредок во комуникацијата меѓу политичките партии и оти се гради една базична доверба меѓу страните со цел да можат посуштински да расправаат за конкретни законски решенија.

- Се уште не можам да кажам за конечниот епилог, бидејќи нема конечен епилог, но на добар пат сме, рече Османи. 

Нагласи дека прашањето за законот за унапредување на употреба на јазиците треба да биде дел од процесот и веројатно можеби ставено во тој пакет.

- Со вчерашните случувања може да се помести целиот процес, додаде Османи. 

Тој ова го изјави непосредно пред презентирањето на статусот на имплементацијата на Планот 3-6-9 пред амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, од страна на  министрите одговорни за спроведување на реформите.

Текот на реформите пред амбасадорите го презентираат Османи,  министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Билен Саљији и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Има мерки за кои се уште има рок за реализација до средината на април, односно до објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.

- Идејата е пред амбасадорите уште еднаш јасно да побараме поддршка за добивање извештај согласно заслугите и да добиеме фер шанса Македонија да се придвижи напред во процесот на евроинтеграциите, рече Османи.

Нагласи дека Македонија е вратена на својот евроинтегративен пат, реформите се реализираат и тие ќе продолжат и ќе се интензивираат особено кога ќе почне преговарачкиот процес, но и откако земјата ќе стане членка на Унијата.

- Освен донесувањето на закони, стратегии и правилници важно е тие да се рефлектираат во секојдневното живеење, во однесувањето на судиите, во однесувањето на вработени во администрацијата, во однесувањето на безбедносните служби, во однесувањето на функционерите и менаџерите во секојдневното управување во државата, рече Османи.

Владата на вчерашната седница го формираше Националниот координативен механизам, кој ги координира шестте носечки иницијативи содржани во Стратегијата на ЕК за проширување со земјите од Западен Балкан.