Македонија
12. September 2019 - 15:29

Османи: Владеењето на правото – континуиран императив за напредок во европските интеграции

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп. На средбата, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, се разговарало за актуелностите во земјава, за досегашната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на евроинтеграциите, во пресрет на очекувањата од престојаните самити на Европската Унија во октомври годинава.

Вицепремиерот Османи изразил голема благодарност за континуираната поддршка од страна на Кралството Холандија, земја која, како што рекол, од осамостојувањето на нашата држава е една од најголемите донатори и силен поддржувач на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Во оваа насока тој потенцирал дека поддршката на Холандија во спроведувањето на реформската агенда на Европската Унија е од фундаментално значење за нас, особено кога станува збор за владеењето на правото и доброто владеење, односно во институционалното зајакнување на земјава, како една од најважните придобивки на современото општествено живење, но и како континуиран бенчмарк за напредок во европските интеграции.

Средба со новиот холандски амбасадор во земјава се одржа непосредно пред почетокот на европската турнејата на Вицепремиерот Османи, која започнува со работна посета на Кралството Шведска, а во која, како што информираат од СЕП, меѓу останатите земји, се очекува да се најде и Холандија.