Македонија
22. April 2021 - 15:44

Османи утре во официјална посета на Косово

Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе оствари официјална посета на Република Косово.   

Како што информираат од МНР, покрај средбата со својот домаќин, министерката за надворешни работи и дијаспора Доника Грвала Шварц, Османи ќе оствари средби и со други високи претставници на државата, претседателот на Република Косово Вјоса Османи, претседателот на Парламентот Глаук Коњуфца, како и претседателот на Владата, Албин Курти.  

–За време на посетата ќе бидат разменети мислења за прашања значајни за продлабочување на билатералните односи меѓу двете пријателски и соседни држави, идните проекти и приоритети, кои ќе бидат тема и за идната заедничка  владина седница, перспективите на натамошната соработка во области од заемен интерес, посебно во областа на економијата и трговската размена, наведуваат од МНР.  

Се очекува да бидат разменети мислења во врска со актуелните состојби во регионот, регионалната соработка, безбедносните прашања, современите предизвици и перспективите на земјите од регионот од интерес за нивната интеграција во европските и евро-атлантските структури.