Македонија
17. July 2017 - 14:05

Османи утре во Брисел на состанок на ССА

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија Бујар Османи утре во Брисел ќе учествува на тринаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација (ССА), со кој ќе претседава министерот за надворешни работи Никола Димитров, а ко-претседавач ќе биде високата претставничка и потпретседателка на Европската комисија, Фредерика Могерини.

На состанокот, како претставник на Европската комисија, ќе присуствува и комесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан.

Вицепремиерот Османи на состанокот се очекува да го образложи Планот 3-6-9, неговата содржина, имплементација и очекуваните ефекти, како и да ги повтори заложбите на Република Македонија за затворање на сите отворени политички прашања и отстранување на сите пречки за реактивирање на евроинтегративните процеси. Ќе биде побарана и конкретна поддршка за реформите, како и поддршка за обезбедување конкретни чекори од страна на Европската унија кои појасно би ја рефлектирале визибилноста на европската перспектива на Македонија.