Македонија
1. February 2021 - 14:02

Османи-Сореиде: Севeрна Македонија како членка на НАТО значајно придонесува за стабилноста и безбедноста во регионот

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, оствари телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Кралството Норвешка, Ине Ериксен Сореиде, при што се заблагодари за континуираната билатерална поддршка што Норвешка ја дава во насока на унапредување на евроинтегративните процеси на Македонија, преку поддршка на административните и легислативните капацитети потребни за процесот на преговори со Европската Унија.

Како што соопшти МНР, Османи истакнал дека Норвешка се вбројува во земјите најголеми донатори на билатерална помош, што е исклучително значајно во трансформацијата на нашата земја во демократско општество.

За време на разговорот беше отворена темата и за силната посветеност на Владата на Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Воедно беше потенцирана блиската мултилатерална соработка и заедничкото учество, на двете земји во рамки на мировните мисии. Во таа насока од страна на Османи беше упатена честитки за изборот на Норвешка за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, што е одлична можност за јакнење на нејзиниот придонес кон мултилатерализмот.

-Денес, Република Македонија е земја-членка на НАТО и ЕУ перспективи при што значајно придонесува во стабилноста и безбедноста во регионот, нагласи Османи.

Министерката Сореиде за време на разговорот упати честитки и за идното претседавање на Македонија со ОБСЕ во 2023 година и заложбите на нашата земја за човековите права, демократијата и владеење на правото.

Двајцата соговорници разменија мислења, предлози и сугестии за искористување на потенцијалите за економска соработка и покрај географската оддалеченост. Истовремено беа разменети информации за состојбата со здравствената криза и социо-економските последици од пандемијата, регионалните и меѓународни случувања.