Македонија
24. November 2017 - 13:54

Османи: Следните шест недели клучни за Македонија, датум се очекува во јуни

Следните шест недели се клучни во одредувањето на текот на настаните во однос на европските интеграции на Македонија во следните шест месеци, кои потоа се суштински за подолгорочната перспектива на земјата, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Тој истакна дека очекува оти Македонија ќе добие датум за почеток на преговори на јунскиот самит на Европскиот совет.

Во следните шест недели земјата треба да испорача одредени законски проекти од трите столба, кои се приоритет во Планот 3-6-9, односно правосудството, разузнавачко-безбедносните служби и јавната администрација.

Во делот на правосудството, како што информираше Османи до крајот на декември треба да се усвои стратегијата, која ќе ја дава насоката за долгорочна реформа во оваа сфера, треба да се усвојат законот за анулирање на Законот за Советот за утврдување факти, предлог измените на Законот за Судскиот совет и Законот за заштита на сведоците. 

Во сферата на безбедносните служби примарно е да се отстрани каква било можност за продолжување на нелегално прислушување. Тука е  предвиден цел пакет закони, кои тредба да поминат на седница на Влада кон крајот на следниот месец, а потоа би требало да влезат во парламентарна процедура на почетокот на 2018.

Во делот на јавната администрација предвидено е усвојување стратегијата, која ќе има улога да се создаде деполитизирана ефикасна администрација. 

- Ни претстои важен период, период на златна можност за суштински исчекор во делот на интеграциите, 2018. е година во која со ЕУ ќе претседаваат Бугарија и Австрија, а потоа следна е Романија. Тоа се земји кои имаат интерес за проширување но регионот, рече Османи.

Тој посочи дека во февруари се очекува Стратегијата за проширување, која ја најави претседелот на ЕК, Жан Клод Јункер, а примарна цел на Македонија е да ги убеди нејзините креатори дека таа нема да биде кредибилна без неа. 

Во февруари доколку земјата продуцира резултати, може на Советот на ЕУ да се надева на чиста препорака за почеток на претпристапни преговори, а веќе во март ЕК да добие насоки да почне подготовка на преговарачка рамка за Македонија, можеби и со мандат за ЕК да почне предскрининг за поглавјата 23 и 24.

Во април е планирано да се објави извештајот на ЕК за 2017 година, а во мај е историскиот Европски совет за проширување во Софија, под претседателството на Софија, додека за јуни е закажан Европскиот совет, кога земјата се надева на датум.

Османи информира дека Владата е во постојан контакт со претседателот Ѓорге Иванов, чија институција е исто така вклучена во реформите, но и со претставници на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата воопшто во однос на потребните реформи.

- Моето барање е да се замрзнат партиските активности во следните шест месеци. Да се фокусираме на една наднационална, надетничка, надпартиска реформа во смисла на испорака на реформите од Планот 3-6-9, но и затворање на отворените политички прашања, за да може наредната година да биде историска за земјава во делот на инеграциите во ЕУ и НАТО, вели Османи.

Тој посочи дека не постои услов до јуни да се реши спорот со името за да се добие датум. Македонија и Грција градат мерки на доверба, рече Османи и изрази надеж дека двете земји ќе пронајдат заемно прифатливо решение за спорот со името.