Македонија
13. April 2020 - 8:32

Османи, Шекеринска и Сугарески на средба со прилепскиот кризен штаб

Вицепремиерот и главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД19, Бујар Османи и министрите за одбрана и за транспорт и врски Радмила Шекеринска и Горан Сугарески денеска ќе остварат средба со претставниците на локалниот кризен штаб во Прилеп.

Со 14. те случаи на новозаболени лица, бројката на заразени од коронавирусот во Прилеп вчера достигна 72 случаи. Од нив две третини се работоспособно население, а другите се над 60 години и деца. Има и шест заболени медицински лица.

Поради рапидниот пораст на заболени, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски  побара засилени, дополнителни мерки за градот и да се вклучи армијата, а компаниите каде има заразени да не ги отвораат капацитетите додека стручните служби не го дозволат тоа.

– Поради сето ова, и прогресијата на новозаразени со коронавирусот во нашата општина, барам воведување на дополнителни мерки за општина Прилеп. Ќе побарам поголема вклученост на армијата за спроведувањето на мерките и препораките од Владата и Министерството за здравство. Мора до го спречиме групирањето и гужвите пред банките и маркетите во градот. Компаниите каде има потврдени случаи на нивни вработени кои се заразени со корона вирус, во вакви услови не смеат ниту да помислат повторно да ги активираат своите производствени капацитети, додека не се создадат барем минимални услови за работа, според проценките на стручните служби, изјави Јованоски.

Припадниците на армијата, според градските власти, се потребни да и помогнат на полицијата за да ги нема турканиците низ градот, пред маркетите, банките, на пазарот, зашто сите доволно не се придржуваат на мерките, како и сузбивање на збирањата во околината.