Македонија
12. April 2018 - 15:28

Османи: Продолжуваме со реформите и по Извештајот на ЕК на 17 април

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, во рамки на посетата на Брисел, имаше средби со Геновева Руиз Калавера, директорка на одделот за Западен Балкан во Директоратот за проширување – ДГНЕАР, со холандскиот евро-пратеник Ханс Ван Баален кој ја предводи групата „Пријатели на Македонија” во Европскиот парламент и со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

На средбите беа отворени темите за европските интеграции на Република Македонија, во контекст на европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, соопшти СЕП.

- Република Македонија активно се подготвува за имплементација на процесите од водечките иницијативи на Стратегијата за проширување со земјите од Западен Балкан 2025, кои претставуваат клучната алатка за исполнување на критериумите за прием на земјите – кандидатки, но и за конвергенција на општеството со останатите европски земји, истакна Османи. Во таа насока изрази задоволство од досегашниот успех во имплементацијата на Планот 3-6-9, потенцирајќи ја намерата на Владата да продолжи со реформскиот процес, веднаш по добивањето на Извештајот од страна на Комисијата на 17 април, со што европската агенда повторно ќе се задржи во нејзиниот фокус.

Османи потенцира дека согласно успешната имплементација на Планот 3-6-9, но и согласно успешното адресирање и затворање на отворените политички прашања, очекува и напредок во евроинтегративните процеси, т.е. почеток на преговори со Унијата за полноправно членство на Република Македонија.

- Со оглед на улогата на координатор на процесот на европските интеграции на земјата, Секретаријатот за европски прашање веќе се подготвува и за евентуален почеток на преговорите, преку реактивирање на сите механизми за координација и следење на процесот, изјави Османи. Тој додаде дека соодветно на долгиот стаж на Република Македонија во процесот на Стабилизација и асоцијација, очекува, при старт на процесот на преговори, брз напредок во адаптација на државата со европските правила, стандарди и вредности.

Посетата на Брисел на Османи е во пресрет на објавувањето на  Извештајот на ЕК за состојбите и напредокот на Република Македонија, на 17 април. Во рамките на посетата на Брисел, Османи претходно имаше средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, на која го презентира напредокот во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и во отстранувањето на останатите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.