Македонија
30. August 2017 - 16:19

Османи: Планот 3-6-9 се одвива без поголеми проблеми

Владата реализираше речиси половина од мерките предвидени за првото тримесечие од  планот 3-6-9 и е на добар пат да ги заврши сите реформи планирани до локалните избори, тврди вицепремиерот за евоинтеграции Бујар Османи.

Тој истакна дека  некои сектори доцнат со имплементацијата на мерките. Доцнења има во областа на судските реформи, миграциите, делот на изборите и борбата против организираниот криминал. Како пример Османи го посочи Минстерството за внатрешни работи кое ги реализираше повеќето мерки, но  се уште ја нема започнато подготовката на новиот предлог закон  за заштита на сведоци околу кој се уште се договараат ингеренциите и поделбата на обврските со Министерството за правда.

- Доцнења има кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, како што е Собранието, каде се уште немаме инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите, а Собранието на пример доцни и во изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот, истакна Османи.

Во септември пред Собранието ке се најде и  законот за употребата на албанскиот јазик, потврди Османи.

- Нашите информации се дека ќе биде ставен на дневен ред некаде на 13 септември и очекуваме брзо да се усвои бидејќи законот е со европско знаменце. Тука процедурите се дефинирани. Очекуваме и повикуваме сите политички партии да гласаат позитивно за овој закон бидејќи сметам дека така на најдобар начин ќе направиме големо унапредување во делот на Рамковниот договор кој е одобрен и потпишан од сите политички партии меѓутоа и ќе покажеме волја за соживот и прифаќање на различностите, додаде вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот Бујар Османи го активираше и работниот комитет за европска интеграција за подобра кохезија на ресорите и институциите за спроведување на европската агенда.