Македонија
22. January 2023 - 16:30

Османи од Софија го осуди нападот врз охриѓанецот и најави забрана за влез во Македонија за негирање на македонскиот идентитет

Провокатори и насилници не смеат да ги нарушат односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ваква порака испарати министерот Османи од пред софиската болница каде го посети нападнатиот секретар на бугарскиот центар „Цар Борис трети“ од Охрид. Пред бугарските медиуми Осамни вети дека Бугарите во Македонија ќе ги добијат истите права како и сите други заедници, но порака испрати и до Џамбаски и Костадинов - во Македонија нема место за бугарски политичари кои го навредуваат македонскиот народ.

- Ние нема да дозволиме негирање на бугарската заедница во Македонија, но нема да дозволиме ниту негирање на македонскиот народ, и затоа сакам да упатам порака дека и тие провокации дека треба да престанат. Значи секое доаѓање во Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мора сериозно да го адресираме и тоа да биде последно доаѓање во Република Северна Македонија, рече Османи.

За разлика од Османи, неговиот бугарски колега побара да запре говорот на омраза, но само од македонска страна. За насилство нема место во Европската Унија порача Милков, без да прецириза дали овој последен инцидент ќе значи и ново бугарско вето.

- Бугарија цврсто инсистира сторителите на овој чин и други слични дела да бидат казнети со строгост на законот, за да се стави крај на оваа атмосфера на неказнивост што раѓа ново и ново насилство. сакам да кажам „не” за заживување на „црните традиции” кои историски се поврзуваат со Северна Македонија – палење, пукање и насилство врз луѓето. За такви работи воопшто нема место во Европа и ние сме крајно загрижени поради тоа, рече бугарскиот министер за надворешни работи Милков.

Колку навреди од бугарски политичари може Османи да поднесе и премолчи, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

- Има ли Македонија институции за да испитаат и расветлат насилство какво се случи во Охрид, па да мора да се инволвира Бугарија? Ковачевски да одговори во какво својство е во Бугарија Бујар Османи, и чиви интереси брани? Владата на СДС е многу повеќе на Бугарија и Албанија отколку на Македонија, се вели во писменото сооптение на опозицијата.

Трет ден не запираат реакциите за инцидентот во охридската кафеана иако истрагата се уште нема утврдено дали Христијан Пендиков бил нападнат поради лични недоразбирања или поради бугарското државјанство. МВР се уште трага и по четвртиот напаѓач кој најверојатно исто така е бугарски државјанин. И денеска нема одговор од македонските институции кој даде дозвола Пендиков со бугарски државен авион да биде пренесен на лекување во Софија, иако против него обвинителството води истрага за трговија со кокаин. Дали Пендиков воопшто смеел да ја напушти државата, обвинителите ќе утврдуваат од утре.