Македонија
12. April 2021 - 16:37

Османи најави 2.000 дози донација од ОАЕ, со имунизацијата опфатени и вработените во медиумите

Кинески вакцини против КОВИД 19 денеска пристигнуваат како донација од Обединетите Арапски Емирати. Се работи за околу 2000 вакцини кои чекаат да влезат во земјава со цел да се обезбеди континуитет во вакцинацијата. До крајот на месецов надлежните очекуваат и нови колични на вакцини од различни производители.

Кинеските вакцини биле обезбедени преку Министерството за надворешни работи.

- Вчера контактирав со министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдулах бин Зајед, со барање за вакцини. Неговиот одговор беше брз и моментален, еден дел од 2.000 вакцини испратени уште денес за да се обезбеди континуирана вакцинација се додека десетици илјади други не стигнат од Европската унија, напиша министерот Османи на фејсбук.

Во меѓувреме продолжува вакцинацијата во салата „Борис Трајковски“ како дел од помасовната вакцинација против КОВИД 19. Денеска се вакцинираа над 600 медиумски работници со над 40 годишна возраст, со хронични заболувања или со висок ризик за изложеност на корона вирус на работно место.

Ова е претпоследен ден за вакцинација во салата „Борис Трајковски“ каде се користат последните дози од 20.000 вакцини „Спутник“ добиени недомана како донација од Србија. Со овие дози се вакцинираше дел од полицијата, војската, пожарникарите, просветните работници и граѓани кои поради професијата повеќе се изложени на ризик од коронавирусот. Тече и вакцинацијата со АстраЗенека на вакциналните пунктови за лица над 76 години, како и ревакцинација на медицинските лица.