Македонија
26. September 2018 - 15:20

Османи: На 30 септември граѓаните на мирен и достоинствен начин ќе ја изразат својата волја

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања, оствари средба со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, aмбасадорот Клеменс Која.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата ја потенцирал важната улога на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во поддршка на реформските процеси на Владата, и изразил надеж  дека ваквиот пристап на соработка ќе продолжи во текот на неговиот мандат.

- Мисијата на ОБСЕ одигра важна улога во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во имплементацијата на принципот на владеење на правото, истакна Османи, притоа додавајќи дека поддршката на ОБСЕ уште од самите почетоци на демократскиот развој на Македонија, претставува нераскинлив дел од изградбата на демократското општество.

За време на разговорот, се наведува во соопштението, соговорниците размениле информации  за поддршката и помошта која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектор, а било разговарано и за актуелната политичка состојба во земјава и активностите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во пресрет на претстојниот референдум. 

- Очекувам мирен и достоинствен ден во недела на 30 септември, каде граѓаните во мирна и достоинствена атмосфера, слободно ќе ја изразат својата волја, истакнал Османи.

Османи и Која изразиле задоволство од досегашната соработка и заеднички изразија надеж дека поддршката и соработката меѓу ОБСЕ и Владата на Република Македонија, ќе продолжи и во иднина, се вели во соопштението.