Македонија
23. August 2017 - 12:03

Османи: Македонија има и ќе има коректен однос кон сите соседи

Македонија се наоѓа во историски момент на позитивна клима и внатре и во регионот за да направиме исчекор во евроинтеграците, и ќе биде грешка на било кој ако си дозволи да отвора нови прашања со соседите, изјави денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Тој тоа го посочи како одговор на новинарско прашање за коментар на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ.

- Македонија има и ќе има коректен однос кон сите соседи. За нас е многу важно да ги затвориме сите отворени прашања, бидејќи тоа е важна одредница на нашиот пат кон евроинтеграциите. Работиме интензивно да ги затвориме прашњата со соседите. Направивме храбар чекор на затварање и потпишување на договорот со Бугарија. Разговараме за мерки на доверба со Република Грција. Најмалку што треба е отворање на нови прашања, изјави Османи при денешната посета на Државната фитосанитарна лабораторија.

Нагласи дека ова прашање не треба да се става во дневно политички контекст, бидејќи не е прашање на препукување на власта и опозицијата, туку прашање на државна стратегија за решавање на отворените прашања со соседите.

- Се уште е нејасна ситуацијата во однос на причините. Да ги почекаме целосните информации, да не избрзуваме со заклучоци, декларации и изјави кои што можат дополнително да ги влошат односите. Ги охрабруваме изјавите од Србија за нормализирање на односите. Истите позитивни сигнали ги даваме од тука, дека сме за нормализирање на односите за објаснување на евентуалните причини што довеле до тоа нарушување, изјави Османи.

На новинарско прашање за очекувањата од најавената посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Македонија, Османи рече дека се во позитивно исчекување на неговата посета која претставува важна средба што ќе ги продлабочи дополнително односите меѓу двете држави и дека агендата дополнително ќе се утврди.

- Заинтересирани сме како Влада да ги затвориме сите отворени прашања што ги имаме со соседите. Македонија се наоѓа во еден историски момент за исчекорување кон евроинтеграциите и сметаме дека секој треба да даде придонес овој моментум на позитивна клима во државата, регионот и Брисел да го искористиме како шанса и да одиме напред, изјави Османи.

Посочи дека мерките за градење доверба меѓу двете држави треба да се зголемат и зајакант, за што Секретаријатот има формирано работна група, за како што рече градење дополнителни мостови на комуникација меѓу двете држави за што повеќе да се елиминираат предрасудите и да се тргнат емоциите за рационално да се пристапи кон решавање на прашањето.