Македонија
25. April 2019 - 13:09

Османи: Инцидентот во ИВЗ срамен чин -ја загрозува секуларноста на земјата и автономијата на верските заедници

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на која беа разменете информации и мислења за повеќе актуелни теми, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања.

-Инцидентот со упадот во Исламската верска заедница претставува срамен чин кој ја загрозува секуларноста на земјата и уставно загарантираната автономија на верските заедници во Република Северна Македонија, и очекувам од владата но и од останатите институции да преземат активности со кои ќе ја заштитат независноста на ИВЗ, истакна Османи, посочувајќи дека ваквите инциденти со сигурност негативно ќе влијаат на стабилните меѓуетнички односи, кои претставуваат плод на долгогодишен труд и внимателно однесување.

-Во моментов меѓуетничките односи се стабилни и цврсти и на тоа сме особено горди, но тоа не е нешто што треба да се зема здраво за готово, туку напротив, мораме активно да работиме на нивното одржување, истакна Османи.

На средбата Османи и Која разговараа и за можностите од остварување на проектот за статистичка и квалитативна анализа на судските одлуки, со кои би се утврдила објективноста на пресудите соодветно на етничката припадност на обвинетите, како мериторен начин за одредување на објективноста и неселективноста во работата на судовите. Проектот предвидува стручна статистичка анализа, каде предмет на обработка би биле исти и слични случаи на обвиненија, при што би се анализирале висините на пресудите и нивната статистичка корелација соодветно на етничката припадност на обвинетите.

Овие проекти, како што наведуваат во соопштението, имаат исклучителна успешност во утврдување на евентуалните наклонетости и субјективизам на судската фела во современите општества, како основа за адресирање на овие прашања објективно и без предрасуди.

На средбата е изразено задоволство од начинот на кој е организиран и спроведен првиот круг на изборите, изразувајќи очекување дека овој успех ќе се повтори и во вториот круг, со што изборите во целост ќе ја рефлектираат демократската и политичка зрелост на државата.