Македонија
9. January 2018 - 14:59

Османи: Имаме историска шанса, но и обврска да ставиме точка на прашањето за името

Оваа година претставува историска шанса за надминување на недоразбирањето околу употребата на името на Македонија, и, како политичари кои ја добиле довербата да ги предводат своите граѓани, имаме обврска да покажеме зрелост и сериозност и да не ја пропуштиме оваа шанса.

Ова денеска го истакнал вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на средбите во Атина со шефот на дипломатијата Никос Коѕијас и заменик-министерот за надворешни работи за европски прашања и меѓународни економски односи, Јоргос Катругалос, пренесе дописникот на МИА од Атина. 

Османи посочил дека во Македонија постои јасно изразен оптимизам за затворање на ова прашања и изрази надеж дека, заедно со позитивните сигнали кои доаѓаат и до страна на Грција, ова прашање конечно ќе биде надминато.

Османи Атина

На средбите се разговарало и за меѓусебната соработка, унапредување на комуникацијата, како и останатите мерки за градење доверба меѓу двете земји.

- Имаме исклучителен напредок во комуникацијата меѓу двете земји, што води кон очигледно зголемување на довербата меѓу државите, но и севкупно, зголемување на довербата меѓу двете општества, истакнал Османи, додавајќи дека само преку создавањето искрена атмосфера на доверба може да се надминат отворени прашања.

Според него, потребно е унапредување на соработката меѓу двете земји, со цел на граѓаните да им се создадат услови за просперитет, напредок и благосостојба.

Османи и Катругалос

Османи во наредниот период очекува засилување на мерките за градење доверба во сите области: економија, култура, образование, екологија, меѓугранична соработка, енергетика, транспорт..., со што, покрај изградбата на довербата меѓу општествата, граѓаните ќе можат и директно да ги почувствуваат бенефитите од оваа соработка.

Покрај меѓусебните односи, на средбите биле отворени и прашања поврзани со европските предизвици, како што се потенцијалите за нова мигрантска криза, прашањето за начинот на функционирање на Унијата и последиците од Брегзит, проширувањето на Унијата и со останатите земји од Западниот Балкан...