Бизнис
23. August 2017 - 13:09

Османи и Николовски во посета на Државната фитосанитарна лабораторија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ја посетија Државната фитосанитарна лабораторија, чија опрема и модернизација е реализирана со средствата од ИПА, и како што рекоа, претставува пример што значи ИПА за граѓаните, државата и за институциите.

- Фитосанитарната лабораторија, која е опремена и обучена со ИПА средства во висина од 2 милиони евра, станува регионален центар во однос на гарантирање на квалитетот на храната и давањето сертификати на извозниците од Република Македонија според стандардите на Европската унија, изјави Османи.

Ова укажува, продолжи Османи, зошто е битно како Влада да работиме за зголемување на апсорпциската моќ.

- Во делот на ИПА 2 расположливи ни се 60 милиони евра. Не информираа дека има рекорден број на апликанти, меѓутоа работиме на план за зголемување на експедитивноста во делот на обработка на тие податоци со цел да се зголеми процентот на искористеност, изјави Османи.

Потсети дека искористеноста во компонентата 5 од ИПА 1 пакетот во делот земјоделие е само 27 проценти, каде од вкупно расположливите 67 милиони евра достапни на Македонија биле контрактирани 18 милиони, односно реализирани 11 милиони.

Министерот Николовски рече дека во координација со вицепремиерот задолжен за европски прашања се врши анализа на сите слабости и искористување на сите можности за целосно зголемување на апсорпцијата на средства од ЕУ.

- Зборувавме за зголемување на капацитетите на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, за отстранување на административните пречки, за вовоедување на нови гарантни шеми и фондови кои што ќе бидат во функција на кофинансирање на самите апликанти и акредитација на новите мерки во рамки на програмите со цел зголемување на парите инвестирани во македонското земјоделство, изјави Николовски.

Како Министерство и Влада, нагласи Николовски, ќе продолжиме со напорите за отстранување на сите пречки, соодветно зајакнување на капацитетите на институциите и креирање на политики кои ќе придонесат кон зголемување на искористеноста и посочи дека е во тек тендерска постапка за нова лабораториска опрема за Државната фитосанитарна лабораторија, финансирана преку средствата од ИПА програмата.

- Лабораториската опрема која што е инсталирана во Државната фитосанитарна лабораторија е позитивен пример за искористеноста на  средствата од европските ИПА фондови. Се работи за проект кој што е одржлив и поддржан од сите институции и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој што веќе покажа врвни резултати. Со овој пристап на мулти-резидуална метода се анализираат скоро сите пестициди кои се користат во земјава, согласно европските регулативи, што е клучно за извозно орентираните компании кои произведуваат и извезуваат овошје и на европските  пазари, изјави Николовски. 

На новинарско прашање за исплатата на субвенциите, Николовски рече дека има забрзана исплата и за два месеци се исплатени 60 милиони евра за субвенции.

- Во овие два месеци е променет Законот за земјоделство и рурален развој за да се отстранат законските пречки за исплатата. Сите креирани решенија во рамки на  платежната агенција се исплатени. Секој ден се креираат нови решенија, кои не биле завршени од претходниот период и имаме засилена исплата. Сето останато кое што не е исплатено, околу 10 милиони евра, е во постапка на креирање и штом бидат завршени постапките, веднаш ќе бидат доставени, изјави Николовски.

Посочи дека ова е за 2016 година и за сите други останати се вршат анализи каде е проблемот и зошто не се исплатени некои решенија од претходните години.