Македонија
7. May 2022 - 16:41

Османи гледа последна шанса за договор со Бугарија, ако пропадне ќе се стави крај на процесот

Посветеноста на дијалогот со Бугарија ќе трае до јуни. Потоа кажуваме доста е. Ниту ќе имаме енергија, ниту ќе можеме повеќе да ги разочаруваме граѓаните, предупредува министерот Османи.

Направивме се што можеше да се направи, сега чекаме на Софија и Брисел, вели првиот дипломат.

„Прво – ова не е веќе прашање на Скопје и второ – ова е можеби единствената и последната шанса да се спасат односите меѓу двете држави. Затоа што сметам дека понатаму ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија. Сметам дека сме должни да не ги изложуваме граѓаните на такви бесконечни фрустрации и разочарувања и дека ќе треба еден ден да се стави црта и да се каже доста е”

А цртата ќе се подвлече по јунскиот самит на ЕУ. Доколку не успееме да го тргнеме бугарското вето, Османи најавува промени во надворешната политика. Од Унијата ќе бараме конкретни одговори за нашиот интегративен пат, а ќе се смени и комуникацијата со Бугарија.

Договорот за добрососедство ќе остане на сила, односите нема да се замрзнат, но ќе бидат водени на ниво на амбасади и преку формална дипломатска комуникација.

Што се однесува до решавањето на спорот, Османи рече дека се уште се бара сеопфатно решение кое ќе биде гаранција дека нема да има понатамошни барања од источниот сосед, а шансите за успех до наредниот месец ги оцени како сериозни.

„Но, се уште има разлики по однос на деталите по сите овие прашања. Португалскиот предлог останува рамката за сите, но ѓаволот е во деталите. Треба да бидеме внимателни во секој збор, во секој рок, во секоја позиција. Јас мислам дека посебно во последните месеци, толку многу ги зближивме позициите, што ќе биде историска штета ако не успееме”

Османи денеска го најави и стратешкиот дијалог со САД кој почнува на 2 јуни во Вашингтон. Македонија е единствена земја од Западен Балкан која има ваква соработка, а како што рече министерот, претставува чекор напред во билатералните односи.

Како приоритет е определена соработката во енергеетската сфера, одбраната и економијата, но конкретната агенда ќе се дефинира во претстојниот период. Според Османи, овој потег не претставува алтернатива и одговор за евентуалниот неуспех во ЕУ интеграцијата, туку надградба на стратешкото партнерство потпишано со САД пред точно 14 години.