Македонија
23. September 2023 - 16:39

Османи ги повика Македонците во Албанија слободно да се попишат

Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата етничка припадност на пописот – по цела недела интензивни бугарски притисоци, министерот за надворешни го смирува македонското малцинство. Во видео обраќање им порачува секој слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици од тоа.

Османи уверува дека по ваквите интензивни посети на бугарски официјални лица и пријавите за притисок врз македонското малцинство, ќе ја зајакне комуникацијата со албанските власти.

Реакцијата на Османи следува откако македонските здруженија во Албанија, јавно побараа помош од нивната матична земја Македонија, по заканите на бугарска фондација дека ќе ги објави сите кои земале и бугарски пасош. Дополнително обвинуваат дека претставници на Бугарската амбасада во Албанија секојдневно се меѓу македонското население, им нудат документи, лекови за да прифатат нивна асимилација.

Иако Сител побара одговори од македонската Влада дали ќе биде испратена протестна нота до официјална Софија, одговори се уште нема.

Пописот кој започна 18-ти септември ќе се спроведува во следните шест недели.